Министерството за надворешни работи упатува јавна реакција и осуда за, како што наведува во соопштение, вчерашниот израз на говорот на омраза што можеше да забележи во текот на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Северна Македонија и Бугарија.
– Спортските настани претставуваат највисокиот израз на принципите на фер однос, меѓусебна почит и натпревар во спортски дух. Злоупотребата на овие настани за ширење на омраза и нетрпеливост претставуваат суштинска спротивност на нивната основна замисла, се наведува во соопштението на МНР.
Министерството додава дека Северна Македонија и Бугарија и во иднина ќе продолжат активно да работат на унапредување на меѓусебните односи, како земји сојузнички во НАТО, идни партнери во Европската Унија, и пред сѐ, добри соседи.
Борисов го осуди исвиркувањето на бугарската химна
Поранешниот бугарски премиер и актуелен лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, се огласи на социјалните мрежи да го осуди синоќешното исвиркување на бугарската химна во Скопје на почетокот на фудбалскиот натпревар против македонската репрезентација.
-Почит за момците од бугарската фудбалска репрезентација! Вака се брани достоинството на нашата нација! Како Бугарин и љубител на фудбалот, категорично го осудувам сквернавењето на бугарската химна на почетокот на натпреварот Република Северна Македонија – Бугарија. За жал, со ваквите постапки нашите соседи од Република Северна Македонија не покажуваат дека ги разбираат европските вредности. Напред бугарски херои, напиша на Фејсбук Борисов.
Утрово пристигна реакција и од македонското Министерство за надворешни работи (МНР) во која наведуваат дека го осудуваат говорот на омраза што можел да се забележи во текот на натпреварот.