Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија најостро го осудува последното сквернавење на спомен-плочата “Солзата на Роза“ во Охрид, поставена во сеќавање на жртвите од бродската несреќа во 2009 година, кога 15 бугарски туристи загинаа при потонувањето на бродот „Илинден“ во водите на Охридското Езеро, се вели во соопштението на МНР.
„Веднаш штом добивме информација за овој чин, од страна на надлежните државни власти беа преземени соодветни мерки и споменикот за кратко е вратен во првобитната состојба. За оваа информација благовремено, со нота, е известена и Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Во оваа прилика сакаме да потенцираме дека се работи за изолиран случај, кој не е во согласност ниту со државната политика, ниту претставува интерес на граѓаните. Република Северна Македонија продолжува со политики и активности во насока на унапредување на добрососедските односи со сите наши соседи, за што постои поддршка од огромно мнозинство граѓани на земјава“, додаваат од Министерството.