Сѐ до завршувањето на постапката за избор на нови амбасадори, овие податоци се доверливи и за тоа постои добра причина. Јавното шпекулирање на ВМРО-ДПМНЕ со информации од затворена седница, не само што претставува грубо кршење на законот, туку претставува дипломатски скандал со кој се минираат државните позиции, нанесувајќи притоа ненадоместлива штета на меѓународниот углед на земјата, реагираа од МНР на денешното соопштение на најголемата опозициска партија.
Според нив, шпекулирањето и објавување имиња на предлози, пред за тоа да се добие агреман од земјата – домаќин, ја загрозува улогата на самите амбасадори уште пред да бидат упатени, а во многу непријатна положба ги става и институциите на земјата – домаќин, чии процес на одобрување е сега контаминиран со шпекулациите од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
-Во истата насока, ја повикуваме ВМРО – ДПМНЕ за одговорно однесување, согласно дипломатските кодекси и узанси и почитување на принципите на Виенската конвенција за дипломатски и конзуларни односи. Имајќи предвид дека Претседавач со Комисијата за надворешна политика е до редовите на оваа партија, она што граѓаните и дипломатската јавност очекува е целосно да се стави во функција овој механизам од процесот како најдобар начин да се обезбеди јавен увид врз целиот процес, порачаа од МНР преку соопштение.
Претходно од најголемата опозициска партија лиферуваа неколку имиња, кои според нив би требало да бидат испратени како амбасадори, односно шефови на дипломатски и конзуларни претставништва на Северна Македонија.
Од „Белата палата“ ги спомнаа имињата на Катерина Ставревска, како предлог амбасадор за ДКП Лондон, која е некогашен шеф на кабинет на Радмила Шекеринска, професорот и поранешен министер, Никола Тупанчевски како иден амбасадор во Белград, поранешниот градоначалник Андреј Жерновски, како предлог за амбасадор за Букурешт, Јакуп Реџепи – предложен амбасадор на Македонија во Сараево и Емил Крстевски како предлог за амбасадор во Прага.