Министерството за надворешни работи потврдува дека еден вработен во Министерството, кој во моментов е упатен во нашата Мисија во ОБСЕ во Виена, е притворен во Република Србија на 27.08.2021, за што Министерството за надворешни работи на Република Србија официјално ја има известено Амбасадата на Северна Македонија во Белград.
Според известувањето, надлежниот суд во Србија определил екстрадиционен притвор по основа на меѓународна потерница за дело за кое се товари дека го сторил за време на негово приватно патување во странство.
-Согласно законските надлежности го стави во мирување работниот однос со притворениот вработен, сѐ додека случајот не биде разрешен, велат од МНР.
Весникот “Коха” објави дека пред помалку од една недела македонскиот дипломат Миле Миленкоски бил уапсен од српската полиција, кој според неофицијалните информации на овој медиум, бил осомничен за спасувачка операција на контроверзен ерменски олигарх во 2018-тата година.
Миленкоски е заменик-шеф на мисијата на нашата држава во ОБСЕ, во Виена.
Дипломатот е осомничен дека пред три години организирал патување во главниот град на Ерменија, Ереван, заедно со уште двајца македонски дипломати, со цел да биде извршена евакуацијата на ерменскиот олигарх, кој во својата држава биле осомничен за злоупотреба на милиони евра.