Вршителот на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи ги повика Европската унија и НАТО да реагираат на изјавите на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, бидејќи, како што тврди, тој се заканува со војна.
„Очекувам Европската унија и НАТО да одговорат на оваа воена закана, која ја изнесе Вучиќ“, напиша Османи на Твитер.
Вучиќ на конференција порано денес изјави дека конфликтот во Нагорно Карабах зборува за тоа како замрзнат конфликт „кога некој ќе го одмрзне“ може да биде катастрофален и затоа пораката на Србија е да се продолжи со дијалогот со Приштина.
Тој навел дека е подобро да се постигне компромис „порано отколку подоцна“ и дека „во спротивно може да ни се случи некој вид конфликт“ и дека „мора да се извлечат поуки од 90-тите години“.
Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово денеска соопшти дека ја смета изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ како отворена закана за нова војна на Балканот, во која тој ги спореди односите меѓу Белград и Приштина со конфликтот во Нагорно-Карабах и изјави дека дијалогот меѓу Белград и Приштина ќе продолжи откако Косово ќе стане членка на НАТО.
Во соопштението, косовското Министерство оцени дека Косово не е Нагорно-Карабах, дека нема замрзнат конфликт и дека Косово ќе ги интензивира напорите за членство во НАТО – „а дури тогаш треба да го продолжи дијалогот со Србија“.
„Реакцијата и намерните споредби на Вучиќ јасно ја покажуваат намерата за дестабилизација и создавање нови тензии во регионот на Балканот“, напиша косовското Министерство за надворешни работи.