Ѕвонко Муцунски е дипломат од 1988 година. Го добил дипломатското звање во 2016 година од тогашниот министер Никола Попоски. Своето службеничко звање го добил уште во 2001. Доколку е прашање за конфликт на интерес, треба да биде поставено до екс-министрите Попоски и Срѓан Керим. Жалам што се создава пракса да се зборува за семејство. Жалам што сега го споменувате мојот татко кој не погрешил ниту навредил некого. Треба да престане праксата да функционираат профили по социјални мрежи кои објавуваат неточни мејлови кои наводно се потпишани од мојот татко. Добро е секогаш да се проверуваат информациите, рече денеска шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски по прашањата на опозицијата на седницата за пратенички прашања во Собранието.
Муцунски најави дека Министерствтоо за надворешни работи поднесе кривична пријава до Министерството за внатрешни работи, бидејќи, како што рече, мора да се истражи кој објавува лажни информации и како тоа се случува.
-Повикувам ДКСК да отвори постапка за мојот татко и да утврди дали има злоупотреба или конфликт на интереси, кажа министерот.
Ваквата реакција следува откако на социјалните мрежи беше објавен наводен мејл од таткото на Муцунски до сите вработени во МНР.