Унилатералната изјава на Република Северна Македонија претставена на првата Меѓувладина конференција за пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија е еднострана изјава чија првенствена цел е да се осигура употребата на чиста формулација за македонскиот јазик, без какви било објаснувања, додавки или фусноти, во документи на Советот на Европската унија, соопштија од МНР.
Во таа функција, со оваа изјава се соопштува нашата позиција, пропишана во Уставот на Република Северна Македонија за македонскиот јазик како службен јазик на Република Северна Македонија на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи.
– Изјавата во себе содржи релевантни делови од Уставот на Република Северна Македонија, Резолуцијата на Собранието на Република Северна Македонија од 29 јули, 2021 година, и заклучоците од седницата на Собранието на Република Северна Македонија од 16 јули, 2022 година, истакнуваат оттаму.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, не ја гледа потребата на Владата да го појаснува македонскиот јазик и најави дека кога ќе дојдат на власт ќе бараат одговорност.
– Ќе имаме многу за коригирање кога ќе ја преземеме Владата. Овие политичари ќе бидат изведени на одговорност. Ако некој мисли дека ова ќе се заборави и дека секоја работа ќе трае два–три дена, се лажат. Ова длабоко ќе остане врежано во меморијата на секој Македонец, но и во нашата. И наша обврска е да им го поставиме вака во лице уште еднаш тоа прашање кога ќе дојде денот – рече Мицкоски.
Со реакции за едностраната изјава веќе се огласија и научните работници од МАНУ, од Филолошкиот факултет од Скопје, од Институтот за македонски јазик, институтите за македонска литература и фолклор и од Катедрата за македонски јазик и книжевност на штипскиот универзитет. Преку допис, овие институции информираа дека изјавата ја сметаат за нелегитимна.