„Република Северна Македонија останува доследна на европските правила и на мерит-базираниот пристап кон проширувањето. Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците е изработен на македонски и англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, во блиска консултација со Совет на Европа и Европската комисија. Документот содржи јасно дефинирани мерки, рокови и надлежни институции и е целосно усогласен со највисоките европски стандарди“, велат од Министерството за надворешни работи по ставовите од нивните колеги од Бугарија и изјавата на премиерот Христија Мицкоски дека на Бугарија ѝ пречи што Акцискиот план за малцинства бил на македонски јазик.
Од македонското МНР истакнуват дека процесот на изработка на Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците се одвиваше во повеќе фази, започнувајќи од 2023 година, при што финалната доработка беше интензивирана во последните шест месеци од 2025 година. Информираат дека во текот на целиот процес биле активно вклучени и редовно консултирани домашни и меѓународни експерти од областа на меѓународното право, човековите права и правата на малцинствата.
Според МНР, од страна на Советот на Европа и Европската комисија било нагласено дека документот ги опфаќа сите релевантни европски и меѓународни стандарди.
-Загрижува фактот што, наместо да биде поздравен како конструктивен чекор напред, документот е предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија, што не придонесува за градење доверба и добра верба меѓу двете држави. Наместо неаргументирани коментари, од нашиот сосед очекуваме европско однесување, меѓу другото и по однос на целосната почит и признавање на македонскиот јазик.
На крај, потенцираме дека Република Северна Македонија е препознаена како позитивен пример на европско ниво во примената на правата на заедниците и така ќе продолжи и во иднина. Остануваме цврсто посветени на еднаквоста, инклузијата и ефикасната имплементација на политиките во интерес на сите наши граѓани, велат од ресорот предводен од Тимчо Муцунски.
„Јас не можам да се откажам од мојот мајчин јазик кој е и официјален“, вели Мицкоски откако Бугарите се огласија дека не го прифаќаат Акцискиот план за малцинства испратен на македонски јазик.
„Го предупредувавме Брисел дека не е само барањето Бугарите да влезат во Уставот. Проблемот е подлабок, а тие ги одбија поканите од Париз, Берлин и Брисел за седнување на заедничка маса“, додаде премиерот.