МНР одвои 60 милиони денари за евакуација на македонските државјани од Блискиот Исток

Започната постапка за јавна набавка за организација на чартер-летови

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Сител Тв

Над 630 македонски државјани чекаат евакуација од Блискиот Исток. Дел веќе се вратени со српски авион организиран од Владата во Белград. Шестмина во сопствена режија заминале за Скопје, уште толку по копнен пат се пренесени во Египет, па оттаму за Скопје. За извлекувањето од Емиратите и Катар се финализираат последните детали. Од македонското МНР велат дека безбедноста на македонските граѓани е највисок приоритет на Владата.

-Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и понатаму пристапува одговорно, координирано и темелно во спроведувањето на сите активности поврзани со евакуацијата на граѓаните од погодените подрачја. Во таа насока, ја информираме јавноста дека, согласно заклучок на Владата, е започната постапка за јавна набавка за организација на чартер-летови со цел обезбедување безбедна евакуација, велат од министерството.

Имајќи ја предвид итноста и фактот дека безбедносната состојба тековно се менува, постапката ќе се спроведе согласно Законот за јавни набавки, со примена на скратени рокови предвидени за вакви ситуации, појаснуваат од ресорот предводен од Тимчо Муцунски.

За реализација на оваа услуга се предвидени средства во износ до 60 милиони денари, обезбедени во Буџетот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

-Во зависност од конечниот број на пријавени македонски државјани и бројот на чартер-летови што ќе се реализираат, можно е да биде искористен само дел од предвидениот износ, посочуваат од МНР.