МНР реагираше професионално, политиката се обиде да ја победи уметноста, вели сликарот Андреевски за упадот на „Златна зора“

од Nikola Popovski
209 прегледи

Македонскиот ликовен уметник, Сергеј Андреевски се огласи по повод инцидентот што се случи на неговата изложба во Каламариа, Солун, кога упаднаа членови на десноекстремната грчка партија Златна зора.

-Политиката, како и многу пати досега, се обиде да ја победи уметноста. Немам потреба да ја употребувам политиката како средство за лична афирмација оти и без тоа, мојата уметност го има обиколено целиот свет, нагласува Андреевски.

Заблагодарувајќи се за поддршката што ја добива од голем број уметници, интелектуалци, граѓани и воопшто на македонската, грчката и светската јавност, Андреевски акцентот го стави и врз професионалната реакција на професионалноста на Министерството за надворешни работи, а особено заложбите на македонскиот генерален конзул во Солун, Дејан Ѓучиќ, кој, додава тој, направи сѐ јас и мојата сопруга да се чувствуваме безбедни.

Како што објави минатата недела грчката телевизија ЕРТ, повеќе маскирани лица со фантомки на главата, влегле во галеријата Ремецо, го натерале сликарот да ги тргне уметничките и му рекле дека не смее да ги презентира.

Маскираните потоа со лента го „запечатиле“ просторот пред влезот на галеријата и залепиле налепници со симболот на „Златна зора“.

Во врска со инцидентот реагираа и од македонското Министерство за надворешни работи (МНР), од каде што информраа дека ја повикале грчката амбасадорка во земјава, Софија Филипиду, на која ѝ биле упатени очекувањата дека ќе бидат преземени сите мерки од страна на властите во Грција за откривање на сторителите.

Членови на Златна зора во периодот од 2012 до 2019 година беа дел од грчкиот парламент, но во 2020 година со судска пресуда, партијата е прогласена за криминална организација, а нејзиното раководство, поранешни пратеници и членови издржуваат затворски казни.

Слични содржини