Министерството за надворешни работи (МНР) соопшти дека добиле информација за починатиот македонски државјанин Стојан Спасов во Република Бугарија.
Од МНР за „Локално“ велат дека преку Амбасадата на Северна Македонија во Софија, стапиле во контакт со тамошните надлежни органи, од каде добиле првични информации за случајот.
-Преку Министерството за внатрешни работи веќе е стапено во контакт со семејството на починатиот во земјава, и истите се соодветно информирани за случајот. Министерството за надворешни работи и Амбасадата во Софија стојат на располагање за комуникација и асистенција, како и во постојана и непосредна комуникација со надлежните органи на Бугарија кои ја водат истрагата. За деталите на случајот јавноста ќе биде благовремено известена, појаснија од МНР.
Во текот на денот на социјалните мрежи кружеа објави дека Спасов бил убиен на 17-ти декември. Момчето било пронајдено без знаци на живот пред познат трговски шопинг центар во Софија.
Неговите пријатели апелираа македонските надлежни служби да помогнат во обдукцијата, да се открие вистинската причина за смртта на Спасов и да помогнат во враќање на неговото тело во земјава.