Министерството за надворешно работи вечерва соопшти дека информациите според кои Секретаријатот на НАТО во случаи кога испишувањето на имињата не е практично, ќе користи кратенки на првите букви од името на земјите членки, па според тоа кратенката за С. Македонија ќе биде „NM“, се шпекулација наменета за нарушување на угледот и на земјата и на Алијансата.
Според МНР, со цел да не се промени редоследот, земјите – членки се одбележуваат со првите две букви од името на земјата, и тоа, доколку е тоа со еден збор или со првите букви од двата збора, како во нашиот случај кога името е од повеќе зборови.
-Согласно горенаведеното, за Северна Македонија (North Macedonia) се користи кратенката NM, a соодветно, според азбучниот ред, земјава се наоѓа меѓу Холандија (Netherlands – NE) и Норвешка (Norway – NO). Истото правило кое важи за нас, посочуваме дека е применето и за кратенките кои се користат за некои други земји – Турција (TU), Германија (GE), Данска (DE), кои исто така не соодветствуваат со нивните ISO кодови. Што се однесува до интерните акти на Алијансата, онаму каде е тоа специфично наведено, се користат кратенките од ISO системот, каде нашата држава редовно е обележана со соодветните ISO кодови – МК и МКД, појаснуваат од МНР.
Од таму додаваат дека со правилата на НАТО, кои донесени далеку пред нашето членство, за протоколарни потреби земјите се означуваат со целосните имиња, и тоа соодветно на транскрипцијата во англиската азбука (English Alphanumerical), освен кога тоа е технички неизводливо.