МНР со изложба: „30 години независност – ретроспектива на надворешната политика”

од Nikola Popovski
247 прегледи

Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, по повод 30-годишниот јубилеј од Денот на независноста, на 7-ми септември 2021 година, организираше прва архивска изложба, насловена „30 години независност – ретроспектива на надворешната политика”. Целта на изложбата е да даде сеопфатна и длабинска слика за надворешната политика на Република Северна Македонија од нејзината независност до денес, којашто преку документи, записи и фотографии, ги прикажува почетоците, развојот и достигнувањето на нашата земја на меѓународната сцена.

Во присуство на претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, претставници на дипломатскиот кор, меѓународните организации, поранешни министри за надворешни работи, како и други носители на јавни функции, поздравно обраќање имаше министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

“Со оваа изложба, Министерството за надворешни работи започнува нов концепт за соодветно изложување на дипломатските архивски документи, записи и наследства кои се од значење за домашната и странската јавност. Наша заложба е преку натамошни тематски изложби на дипломатскиот архив да го комплетираме проектот за создавање Музеј на основни архивски документи од значење за државата, оддавајќи почит на несебичната и одлучна посветеност и поддршка на граѓаните во остварувањето на стратешките приоритети и цели на Република Северна Македонија.”- истакна Османи.

Соодветно на приликата,по повод Денот на независноста, неколкумина министри за надворешни работи од Регионот и пошироко, упатија поздравни видео обраќања кои беа презентирани на настанот.

Пред одржувањето на настанот, министерот Османи ги покани претставниците на медиумите на пред-премиера на споменатата изложба, на која преку краток хронолошки осврт ги брифираше новинарите за најзначајните достигнувања на надворешната политика на Северна Македонија од осамостувањето до денес.

Слични содржини