Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) реагира на, како што се наведува во соопштението, „јавните напади на претседателот на СДСМ Венко Филипче изнесени на денешната прес конференција, во текот на која изнесе низа навреди и произведе неодговорни и произволни заклучоци, со кои во основа покажа недоволно познавање на меѓународната политика и целосно ги запостави суштинските елементи кои го сочинуваат комплексниот процес при носење на одлуки од стратешко и глобално политичко значење“.
Очигледно, се посочува во соопштението, за СДСМ поважна е дневната политика, отколку долгорочните државни интереси и долгорочното зацврстување на меѓународната позиција на Република Северна Македонија.
– Во наведениот контекст уште еднаш повторуваме дека неодамнешните одлуки во врска со гласањето на нашата држава за резолуции на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на редица остварени дипломатски контакти, темелно извршени анализи, спроведени домашни консултации, усогласеност со утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители и во координација со нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави. Уште поважно, тие ја потврдуваат стратешката ориентација на нашата држава кон градење стабилна и предвидлива позиција на меѓународната сцена, како и зајакнување на односите со нашите стратешки партнери, се појаснува во соопштението од МНРиНТ.
Со нашето гласање, се додава, ја реафирмиравме цврстата поддршка за Украина и изразивме силна почит, солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за обезбедување траен мир и целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата.
Дополнително, соопштија од Министерството, овие одлуки се потврда за конзистентната меѓународна политика на државата, и напиот стремеж да бидеме активен, конструктивен и кредибилен партнер во процесите на изнаоѓање решенија за актуелните геополитички предизвици, а не пасивен набљудувач без јасен став, како што беше случај за време на претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ.
– Воедно, како што и самиот господин Филипче потенцираше, а за тоа говорат и досегашните активности и одлуки, токму честите посети на највисоко и високо политичко ниво во САД се потврда за нашата цврста заложба за зајакнување на партнерството и билатералната соработка со САД. Таквите засилени дипломатски активности дополнително ја потврдуваат и нашата понатамошна посветеност во правец на целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и силната приврзаност кон процесот на европска интеграција – кој останува еден од највисоките надворешно-политички приоритети на државата, стои во реакцијата од МНРиНТ.
Пред два дена, според МНР, одлуките на Македонија во поглед на поддршката и гласањето за резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на темелно истражување и анализа на актуелните глобални надворешно-политички движења, утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители, заложбата за зацврстување на мирот, безбедноста и просперитетот во светот, како и стратешкиот интерес на државата за создавање стабилна позиција и градење поцврсти односи со стратешките партнери.
„Особено се земени предвид и актуелните силни заложби на претседателот на САД, Доналд Трамп и американската администрација за побрзо завршување на воените активности меѓу Украина и Руската Федерација преку водење ефективни и непосредни преговори, чија основна цел е што поскоро постигнување на траен мир и безбедност во Украина и поширокиот регион“, порачаа од министерството, со коешто раководи Тимчо Муцунски.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче оцени дека Владата ја продлабочи конфузијата со тоа што прифати да бидеме коспонзори на американската резолуција, а потоа да гласаме „воздржано“. Тој потенцира дека за првпат една македонска Влада што коспонзорира резолуција потоа не гласа за истата. Претседателот на СДСМ тврди дека ќе беше многу помудро да гласевме „за“ двете резолуции и ќе беше стабилна позиција.
-Ако сме целосно усогласени со ЕУ, зошто гласаме спротивно на сите други европски земји? Гласањето за двете резолуции ќе беше наш јасен став за што поскоро завршување на војната во Украина. Зошто Владата одлучи да не стави во друшто на некое африкански земји кои што не делат никакви сличности од нас и притоа се оддалечуваме од сите земји во Европа и нашето соседство, во контекст на гласањето?, праша Филипче на прес-конференција во седиштето на партијата.
Премиерот Христијан Мицкоски веднаш излезе со контра реакција на прес-конференцијата на претседателот на СДСМ. Вели дека за сите овие години додека е лидер на ВМРО-ДПМНЕ се изнаслушал „се и сешто за себе“ и „за политичката сцена“ и тоа го нарече „политички фолклор“.
-Овие луѓе имаат најмалку кредибилитет да зборуваат, посебно за нашата меѓународна активност и посебно за нашите релации со администрацијата на претседателот на Трамп. Ме обвинуваа дека сум анти-НАТО, анти-Америка, проруски…а, сега им пречи што имаме одлична соработка со администрацијата на САД. Бевме коспонзори, да, и ќе ја потсетам македонската јавност дека таа резолуција е обврзувачка бидејќи помина на Советот за безбедност. Останатите членки кои се стандардни, но, и ротирачките, не гласаа против и со тоа ја поддржааа. Во меѓувреме, кога дојде таа резолуција да се гласа на самото Собрание, беа поднесени повеќе амандмани. Повеќето амандмани беа одбиени, а еден беше прифатен. Тогаш предлагачот САД, кој го има тоа право, со кого бевме целосно координирани, гласаше воздржано и ние гласавме воздржано, рече меѓу другото премиерот.