МНР: ВМРО –ДПМНЕ продолжува да нанесува штета на дипломатијата и на државата

од Vladimir Zorba
362 прегледи

Министерството за надворешни работи во неколку наврати веќе ја информираше јавноста дека изборот за изведувач при адаптацијата на салата Борис Трајковски за потребите нa Министерскиот состанок на ОБСЕ е направен според критериумот најниска цена, се вели во реакцијата на денешниот прес на Митева од ВМРО-ДПМНЕ.

„Со оглед на пристигнатите понуди, Министерството имаше обврска да ја одбере најевтината понуда, и од четирите понудувачи, избраната компанија имаше далеку најконкурентна понудена цена согласно очекуваните количини предвидени во техничката спецификација, односно:

Еуровиа – 93.746.070 ден. (избран понудувач)

Второрангирана – 120.668.981 ден.

Треторангирана – 134.015.461 ден.

Четврторангирана – 374.353.297 ден.

Целта на постојаните шпекулации е очигледна: прво  да се фрли дамка врз најголемиот надворешно политички настан во земјава од нејзиното осамостојување – Министерскиот состанок на ОБСЕ во декември, кога се очекува во земјава да пристигнат десетици високи делегации од целиот свет, предводени од Министрите за надворешни работи на земјите – учеснички во ОБСЕ; и второ, да се фрли дамка врз Претседавањето на земјава со Организацијата, процес кој и дома, но и во меѓународната дипломатија, е оценет како многу успешен.

Оваа борба за ситни политички поени од страна на раководството на ВМРО-ДПМНЕ нанесува голема штета на угледот на земјава, особено на дипломатијата, која во моментов е соочена со бројни предизвици и активности кои се од интерес на сите нејзини граѓани.

Уште еднаш посочуваме дека сме отворени за сите институции од интерес да остварат увид во документацијата и уште еднаш да ги ревидираат сите активности во рамките на постапката со цел да се отфрлат сите можности за шпекулации околу нејзината исправност“, се додава во реакцијата на МНР.

Слични содржини