Министерството за надворешни работи (МНР) реагираше на како што вели, невистините пласирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ, според кои кои не само што имаат тенденциозна намера да ѝ нанесат штета на дипломатијата, туку покажуваат и елементарно непознавање на законските надлежности како и уредбите дефинирани во правилниците за работа на дипломатијата.
Информираат дека согласно законските прописи, како економски советници, покрај дипломатите вработени во Министерството за надворешни работи, а на барање на останатите економски ресори, се испраќаат и вработени во другите министерства, како што е Министерството за економија, Министерството за земјоделие итн.; при што законски е утврдено дека во овој случај економските советници се испраќаат со дипломатско звање – прв секретар.
-Имено, согласно член 68-а став 1 од Законот за надворешни работи врз основа на писмена спогодба Министерството и институции од јавниот сектор за вработените од членот 14 став 1 група II од Законот за вработените во јавниот сектор и за вработени кои работат на економски активности за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот, по спроведена постапка за избор, а по претходно објавен интерен конкурс во институцијата во кое лицето е вработено, Министерот за надворешни работи може да упати во дипломатско-конзуларно претставништва вработен кој ги исполнува условите од истоимениот член, стои во реакцијата на МНР.
Појаснуваат дека економската димензија на дипломатијата е тесно поврзана со работата на економските ресори во Владата – прашањата поврзани со условите за водење бизнис, бенефициите за странските инвеститори, развојните планови на Владата, потенцијалните региони за бизнис во различните сектори итн. – и оттука логично е Министерството за надворешни работи да се потпира на кандидатите кои низ конкурс ги предложиле економските ресори во Владата.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку пратеникот Драган Ковачки објави дека Бесијан Ахмети, внук на Али Ахмети, само со 10 месеци работен стаж пред три месеци станал прв секретар на македонската амбасада во Берлин.
„Бесијан Ахмети, брат на Дрин Ахмети вклучен во купувањето на центарот „Соравија“ во Скопје, на 16 мај 2022 година е вработен во Министерството за економија, на работна позиција помлад соработник за мониторинг и следење на договорите за концесија за минерали, за 10 месеци подоцна на 16 март 2023 година да биде именуван за прв секретар во амбасадата во Брисел. Бесијан Ахмети е преземен по пат на интерен оглас, на кој се пријавил, и работното место од економија го заменил со тоа во МНР“, рече Ковачки.