МНР за декларацијата на Благоевград: Таа е спротивност на интенцијата на двете Влади за градење доверба меѓу народите

од Берта Китинска
141 прегледи

Во врска со Декларацијата на Советот на Општина Благоевград, Министерството за надворешни работи ги осудува непримерните квалификации во содржината кои се однесуваат на македонскиот народ, стои во рекацијата на МНР во врска со отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Бугарија.

-Очигледно е дека ваквите декларација се во спротивност на интенцијата на двете Влади за градење доверба меѓу народите на двете земји, и со духот на Договорот за пријателство и добрососедство, чија основна цел е токму тоа, да промовира пријателство и меѓусебно почитување.Уште еднаш потенцираме дека интерес на двете држави и на сите граѓани е унапредување на добрососедството и во оваа насока ги охрабруваме и локалните власти, но и сите други здруженија и групации за посебен фокус кон активности кои создаваат пријателство, меѓу-гранична соработка, економска, културна и туристичка размена, соодветно на духот на европската соработка, велат од МНР.

Претседателот на клубот, Атанас Мазнев вели дека нема никакви причини македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Бугарија да не биде отворен.

Мазнев информира дека веќе се испратени поканите до бугарските власти, македонскиот премиер Димитар Ковачевски како и до градоначалникот на Благоевград. Од македонската влада нема информација дали Ковачевски ќе присуствува во Благоевград.

-Декларацијата потпишана од неколку советници во Општината е за полтички цели. Ние веќе испративме покани за отворањето на клубот кое е закажано за 30 октомври. Денеска ќе испратиме писмо до градоначалникот на Благоевград, од кого во наредните 24 часа ќе очекуваме одговор за тоа дали ќе ни дозоли да се отоври клубот, вели Мазнев, појаснувајќи дека според бугарското законодавство градоначалникот нема право да забрани отворање на клуб и дека доколку се случи да биде забрането отворањето, тие ќе се жалат прво во Бугарија, а потоа и во Стразбур.

„Советот на Општина Благоевград ниту е надлежен, ниту има право да носи декларации за отворање културни клубови“, реагираше претходно партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин.

-Во Бугарија стана навика куци и осакатени институции да ги присвојуваат правата што ги немаат со закон, а да изразуваат дали има или нема македонска нација и малцинство. Советот на општината не е надлежен за такви работи. Немаат право да зборуваат за вакви прашања, се вели во реакцијата на ОМО Илинден Пирин.

За декларацијата, која всушност е противење на тоа да се отвори македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, гласаа 29 советници, а воздржани беа само четворица. ОМО Илинден Пирин вели дека оние кои гласаа ЗА ги погазија правата на илјадници свои граѓани кои се самоопределуваат како Македонци.

– Ова е тажниот плод на 60-годишната асимилација, дискриминација и пропаганда врз Македонците, додаваат од ОМО Илинден Пирин.

Македонските здруженија во Бугарија веќе имаат добиено над 10 пресуди од Судот за човекови права во Стразбур, но властите во Софија не ги почитуваат.

Отворањето на клубот е закажано за 30 октомври. Покани се упатени и до македонскиот и до бугарскиот премиер, одговор досега не добиле.

Слични содржини