МНР за интервјуто на Лавров: Постојано се бориме против сите злонамерни влијанија од трети држави

од Nikola Popovski

Министерството за надворешни работи реагираше на интервјуто на рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, во кое ја спомна и земјава. Нашето МНР појаснува дека од стекнувањето на независноста на Република Северна Македонија постои силно меѓуетничко и натпартиско единство за членство во Европската Унија.

-Нашето Собрание пред повеќе од 30 години донесе едногласна одлука за ваквата надворешно-политичка ориентација на земјава. Таквите одлуки за зачленување во меѓународни сојузи, како и секоја друга суверена држава ги донесуваме водени исклучиво од сопствени интереси со поддршка од најголемиот број на граѓани. Во изминатите години сите политички чинители даваа значаен придонес во имплементација на ваквите стремежи, реагираат од македонското МНР.

Во соопштението стои и дека денес „Република Северна Македонија е полноправна членка на НАТО, заедно со нашите сојузници целосно сме посветени на сочувување на меѓународниот мир и безбедност при што најостро се спротивставуваме на сите кршења на меѓународното право, каков што е случајот со агресијата врз Украина“.

-Истовремено постојано се бориме против сите злонамерни влијанија од трети држави со цел мешање во нашите внатрешни работи. Во интервјуто се манипулира со религиозните чувства на православните верници во нашата држава и се користи добивањето на автокефалноста на МПЦ- ОА за промовирање на своите геополитички ставови. Овој историски настан никој не смее да го присвојува како свој успех, особено не оние кои прикриено се противеа на ваквиот чин, велат од МНР, споменувајќи дека земјава се споменува во неприфатлив контекст.

Лавров во интервју објавено на веб-страницата на руското МНР вели дека „Западот се обидува да ги претвори Црна Гора и Северна Македонија во „алатка“ во анти-руската игра“.

„Се гледа разликата помеѓу она што Црногорците и Македонците го чувствуваат за Русија и она што нивните политичари се принудени да го прават од Брисел, ЕУ и НАТО. Ова е обид да се претворат во „алатка“ во анти-руската игра“, бил категоричен Лавров.

Тој ја коментира и одлуката на Архиерејскиот собор при Српската православна црква (СПЦ) за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква (МПЦ).

– Со обновувањето на канонското општење меѓу СПЦ и МПЦ доаѓа до повторно воспоставување на евхаристичкото единство со Руската православна црква, за што сме заинтересирани. Сигурен сум дека тоа ќе послужи за доброто на православието, заклучил Лавров.

Слични содржини