МНР за „Локално“: Договорот со Лукоил истече летото минатата година

од Nikola Popovski
412 прегледи

Министерството за надворешни работи нема актуелен договор за набавка на нафтени деривати со Лукоил, туку со друга домашна компанија за трговија со нафтени деривати, велат од МНР за „Локално“, како демант на обвинувањата на генсекот на Беса, Аријанит Хоџа кој објави дека Министерството за надворешни работи има потпишано договор со руската компанија за набавка на гориво за службените возила.

Според ресорното министерство, фотографиите кои се појавуваат во јавноста се однесуваат на стар договор, кој е истечен уште во летото минатата година.

-Односот кон руските компании во земјава преставува дел од пошироките активности кои државата ги презема поради непредизвиканата воената агресија на Русија врз Украина, и таквиот однос ќе трае сѐ додека трае самата агресија, додаваат од МНР во дописот до нашата редакција.

Претходно Хоџа преку објава на социјалните мрежи праша „дали со изјавата дека купувањето руска нафта помага во агресијата врз Украина, значи дека Министерството за надворешни работи ѝ помага на Русија“.

-Има и доста државни институции и оние предводени од кадарите на ДУИ кои имаат договори со руската компанија, па пред да ги советува граѓаните, Османи треба да се информира и поправи, објави Хоџа.

Министерот Бујар Османи синоќа во гостување на емисија изјави дека со купувањето на руски горива, всушното индиректно се финансира руската војска.

-Граѓаните кои се снабдуваат со нафта од руски компании во земјава, индиректно ја финансираат руската армија. Главните средства на Русија доаѓаат од изворите на природен гас и нафта. Како што гледате Европа е зависна од тој гас и од нафтата и доставата не е прекината целосно токму поради таа зависност, рече Османи.

Н.П.

Слични содржини