МНР започнува процес за безвизен режим на С.Македонија со САД

од Nikola Popovski
383 прегледи

Министерството за надворешни работи започна процес за присоединување на земјава кон Програмата за САД за безвизен режим (Visa Waiver Program). Имено, со одлука на Влада, формирана е меѓуресорска работна група предводена од Министерството за надворешни работи, која се состои од претставници и на други релевантни институции кои работат на исполнување на условите за воспоставување безвизен режим со САД.

Условите се однесуваат на различни области, но еден од клучните е процентот на одбиени визи да изнесува најмногу 3%.

Во тој контекст, нагласуваме дека високиот процент на одбиени визи од безмалку 30% се должи на несоодветните апликации, за што планираме наскоро да започнеме кампања за едуцирање на граѓаните за процесот на аплицирање и условите кои треба да бидат исполнети, со цел добивање виза за САД, порачуваат од МНР.

Се додава дека процесот на укинување визи за влез на државјаните на Северна Македонија во САД е долгорочен и комплексен процес, што налага континуирани активности на што посветено работиме. Воедно, приклучувањето на Северна Македонија во Програмата за безвизен режим стана дел од Стратешкиот дијалог со САД и е меѓу проектите во Акцискиот план, што беше усвоен на владина седница во февруари оваа година.

-Постигнувањето на оваа цел ќе биде од бенефит за економскиот развој на земјава, а ќе внесе и дополнителен импулс за зајакнување на билатералните односи и стратешкото партнерство, како и доближувањето на народите од двете земји, стои во соопштението од МНР.

Слични содржини