На 28. Меѓународен театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово, МНТ триумфираше со дури две престижни награди.
Со едногласна одлука на жирито, беа доделени наградите за МНТ од стручното жири: Александар Ивановски – претседател; Дубравка Киселички, Петар Андоновски, Гергана Трајкова и Стефан Јакимовски – членови.
Жирито ги донесе следниве одлуки:
ГРАН ПРИ ЗА НАЈДОБРА ПРЕТСТАВА – „Бог на колежот“ – Македонски народен театар, Скопје; и за НАЈДОБАР АКТЕР – Ѓорѓи Јолевски, за улогата во претставата „Бог на колежот“.
Претставата е копродукциски проект работен според текстот „God of Carnage“ од Јасмина Реза, во адаптација и режија на Весна Петрушевска. Сцената на НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово беше сведок на интелигентна, провокативна и емотивно набиена комедија, која преку судирот на две семејства ги осветлува ранливоста на човековата природа и распадот на општествените вредности.
Во претставата играат: Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Наталија Теодосиева, како и децата од актерската школа на Петрушевска. Иако минималистички по форма, „Бог на колежот“ плени со силна актерска игра, духовит дијалог и прецизна режиска визија, кои на публиката ѝ понудија искуство што и забавува и поттикнува на размислување.
Ова признание за Јолевски, првенец на ансамблот на МНТ, е резултат на неговата исклучителна интерпретација и актерска зрелост, кои успешно го обликуваат сложениот лик и ја доловуваат драматичната напнатост зад хуморот на текстот.
Во повеќедецениската кариера исполнета со значајни улоги во театарот, филмот и телевизијата, Јолевски уште еднаш покажа зошто важи за еден од најпочитуваните и највлијателните актери во земјата.
Познат по улоги во сериозни драмски жанрови, Јолевски за првпат се натпреваруваше на фестивал со комичен карактер и маестрално се префрли во светот на комедијата, покажувајќи актерска флексибилност, суптилен хумор и длабоко разбирање на сложената природа на човечките односи.
Како круна на годинашното издание, фестивалот ѝ го додели признанието „Лауреат“ на актерката и режисерка Весна Петрушевска, за нејзиниот исклучителен придонес во развојот на македонската комедија.