Помина времето за пазарење со безбедносните сертификати и нивно политизирање, рече денеска полковникот и офицер за безбедност во Министерството за одбрана (МО), Горан Василевски, отфрлајќи ги како лаги, манипулации и двојни аршини обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ и Драган Ковачки во врска со ветингот.
Василевски напомена дека ветингот го врши тим обучен од НАТО експерти врз чија работа не се врши апсолутно никакво влијание, додека двете лица кои ги спомнува Ковачки, добиле НАТО и национално-безбедносни сертификати во времето на претходната влада, раководена од ВМРО-ДПМНЕ.
-Како припадник на безбедносниот сектор кој носи одговорност во дел од процесот за издавање безбедносни сертификати, изразувам силна осуда за тенденциозно наметнатата тема за ветинг процесот која Ковачки и ВМРО-ДПМНЕ упорно ја форсираат во јавноста. Наспроти обвинувањата дека станува збор за непрофесионализам и партиско влијание, одговорно тврдам дека постапката за ветинг ја врши тим обучен од НАТО експерти врз чија работа не се врпи апсолутно никакво влијание, истакна Василевски во изјава пред Министерството.
Очекував, дополни, да престанат, зашто е непрофесионално ова што го прават и зашто во овој сектор лагите и манипулациите со кои се служат се опасни.
– Но, бидејќи не престануваат, одговорност ми е да кажам дека маските мора да паднат. Денес ВМРО-ДПМНЕ и Ковачки паднаа во дупката која за друг ја копаа. Двете лица кои тој ги спомнува ги добиле своите НАТО и национално-безбедносни сертификати токму во времето на претходната влада, раководена од партијата која ги организира прес-конференциите. Добиле сертификати од нив, од нивно време, а за едно од лицата во досието фигурира и потписот на Ковачки кој потврдува дека нема никаков проблем на тоа лице да му се издаде национален и НАТО безбедносен сертификат. И сегам зошто лаги, манипулации и двојни аршини? Како офицер за безбедност тврдам дека е поминато времето за пазарење со безбедносните сертификати и нивно политизирање, подвлече Василевски.
Ковачки и денеска на прес-конференција обвини дека „институциите под власт на СДСМ издаваат НАТО сертификати само на лица подобни за власта“.