Документот кој е објавен на социјалните медиуми и презентиран од политичка партија, по првичната проверка претставува документ кој во документација на Министерството за одбрана и Армијата првично е заведен како документ со печат „воена тајна“, а подоцна по носењето на Законот за класифицирани информации, добива класификација „строго доверливо“, вака реагираа од Министерството за одбрана откако Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ објави документ кој, како што велат од партијата, покажува дека премиерот Димитар Ковачевски го избегнал отслужувањето на воениот рок, правдајќи се со лекарско мислење дека е трајно неспособен за служење војска.
Во соопштението се додава дека Министерството за одбрана, согласно своите надлежности, постапувајќи по Закон и штитејќи ги интересите на државата и на граѓаните, отвора постапка за утврдување на одговорност за несовесно ракување и неовластено објавување на документи со класифицирана содржина.
-Министерството за одбрана ги повикува политичките партии и поединци, во своите настапи и обиди да придобијат политички поени, да стојат понастрана од припадниците на Министерството за одбрана и Армијата, да не ги поттикнуваат на извршување на кривични дела, со кои го нарушуваат сопствениот, но и угледот на Министерството и Армијата, велат од МО.
Ковачки денеска побара од премиерот да си поднесе оставка.
-Доколку Ковачевски лажел за својата здравствена ситуација, тогаш ние на чело на државата имаме патолошки лажго. Ако лажел да избегне служење војска правејќи се трајно неспособен, тогаш не можеме ниту да претпоставиме за што се друго би лажел. Доколку пак Ковачевски навистина е трајно неспособен, не знаеме дали таа состојба кај него прогресирала и дали тој целосно функционален да ги извршува државничките задачи, рече Ковачки.
Премиерот во меѓу време ги демантираше ваквите обвинувања и порача дека „само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик“.