Во тек е детална анализа на потрошувачката на електрична енергија. Организациската единица задолжена за ова прашање е задолжена да достави предлог за институционално намалување на потрошувачката на електрична енергија во најбрз можен рок, велат од Министерството за одбрана за „Локално“, откако вчера министерот за економија, Крешник Бектеши информира дека меѓу институциите со најмала заштеда на електрична енергија е и Министерството за одбрана.
Од таму информираат дека Министерството за одбрана е предводник во планирањето на можностите за користење на зелена обновлива енергија, со што сериозно ќе се влијае и на намалувањето на трошоците за електрична енергија.
-Согласно Еко-одбраната, во моментов се работи на финални анализи за инсталација на фотоволтаични централи во касарните низ државата, кои целосно ќе ги покријат потребите за електрична енергија на одбраната и на Армијата, велат од МО.
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера на прес- конференција во Владата ја презентираше анализата за заштеда на електрична енергија во септември споредено со истиот месец минатата година од страна на сите органи на државната управа, државни институции и јавни претпријатија. Според анализата остварена е вкупна заштеда од 20% на потрошувачката на електрична енергија.
Согласно податоците, заштедата на електрична енергија во зградата на Владата е 25%, кај Министерство за внатрешни работи 21%, Министерство за култура 40 %, Министерството за образование 35%, Министерство за политички систем 22%, Министерство за транспорт и врски 30%, Министерство за труд и социјална политика 36%, Министерство за финансии 32%, Министерство за економија 30%.
Од друга страна најмала заштеда е направено во административната зграда на Министерството за здравство од 2%, по што следат Министерството за надворешни работи од 8% заштеда и Министерството за одбрана од 8% заштеда.
Н.П.