Министерството за одбрана (МО) утрово изрази сочувство до полскиот народ и до семејствата на двете жртви во вчерашната експлозија во Полска. Од ресорот во изјава за „Локално“ велат дека целта на земјава е одржување на мирот и безбедноста на секоја територија која што е дел од Воената алијанса.
-Денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ќе претседава со состанок на Северноатлантскиот совет на кој ќе се разговара за овој немил настан. Сојузниците, вклучително и Северна Македонија, се во постојана комуникација и координација со цел расветлување на овој случај и утврдување на сите факти. Нашата цел како НАТО останува иста – целосно сме посветени на одржувањето на мирот и безбедноста на секоја педа НАТО територија, преку принципот на одвраќање и одбрана, стои во дописот од МО.
Синоќа шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи соопшти дека е загрижен поради ракетниот удар на територијата на Полска. Тој на својот официјален Твитер профил изрази целосна поддршка и солидарност со Полска, како и сочувство до семејставата на жртвите. „Во консултации сме со сојузниците на НАТО и внимателно ја следиме ситуацијата“, напиша Османи.
Се огласи и премиерот Димитар Ковачевски. Тој изрази сочувство до неговиот полски колега, Матеуш Моравецки и полскиот народ за загубата на двата животи во експлозијата.
-Ова е време да бидеме уште порешителни во нашата основна задача – да ја одржуваме територијата на НАТО безбедна и сигурна. Работиме заедно со сојузниците за да се соберат сите факти за овој трагичен настан, објави Ковачевски на својот официјален Твитер профил.
Н.П.