Легендарниот хрватски играч од средниот ред Лука Модриќ го одигра својот последен натпревар за Реал Мадрид, но крајот на неговата кариера во клубот не беше крајот што го заслужуваше.
Реал Мадрид претрпе болен пораз од 4-0 од ПСЖ во полуфиналето на Светското клупско првенство во САД, а збогувањето на Модриќ беше засенето од резултатскиот дебакл и судир во соблекувалната.
Модриќ го започна натпреварот на клупата, а кога влезе во игра, се обиде да внесе енергија и авторитет во тимот кој веќе беше на колена. Иако даде сè од себе, не успеа да го промени текот на натпреварот. Навивачите му приредија емотивно збогување, а неговите соиграчи и противници му ја покажаа почитта што ја заслужуваше и го утешија по последниот свиреж.
Сепак, според шпанските медиуми, ситуацијата по натпреварот била далеку од мирна. Имено, во соблекувалната избувнал жесток вербален судир помеѓу Модриќ и две од големите ѕвезди на Реал Мадрид – Винисиус Жуниор и Џуд Белингам.
Искусниот капитен, фрустриран од поразот и однесувањето на неговите помлади соиграчи, го кренал гласот. Наводно ги критикувал за недостаток на борбен дух, волја и посветеност – и во напаѓачките акции и во одбраната. Особено бил вознемирен од фактот дека, иако многу помлади, не покажале доволна одговорност во натпревар од големо значење.
Модриќ, иако се приближува кон четириесеттата година, повторно бил пример за посветеност на теренот, додека Винисиус и Белингам – според него – „исчезнале“ кога било најпотребно.
Овој судир само го потврдило она што многумина го знаат долго време – Модриќ е лидер во секоја смисла на зборот. Неговиот глас носи тежина, а неговата посветеност поставува стандарди во соблекувалната и на теренот.
Патем, неговото збогување стави крај на една од најимпресивните кариери во историјата на Реал Мадрид. Во 13 сезони со Кралскиот клуб, Лука Модриќ освои дури 28 трофеи, вклучувајќи шест титули во Лигата на шампионите, и стана играчот со најмногу трофеи во историјата на славниот клуб.
Следниот чекор во кариерата на овој голем мајстор е преселбата во Милано, каде што ќе продолжи да игра од следната сезона. Трансферот беше договорен за време на Светското првенство.