Хрватските медиуми „Индекс“ и „24сата“ пренесуваат сензационална вест за враќање на ѕвездата на Реал Мадрид, Лука Модриќ во Динамо Загреб.
Хајдук во зимскиот преоден рок ги врати Иван Перишиќ и Јосип Брекало, додека Модриќ сега би можел да биде одговорот за составот на Загреб. Но, покрај Модриќ се споменува и Дејан Ловрен.
Договорот на Модриќ со Реал Мадрид истекува следното лето и како што стојат работите во моментов нема да му биде понудено продолжување на договорот. Се шпекулираше за понуда за учество во стручниот штаб, но Модриќ сака да продолжи да игра фудбал.
Информациите од Хрватите се дека првиот човек на Динамо, Мирко Баришиќ контактирал со Модриќ и му рекол дека вратата во неговиот матичен клуб е секогаш отворена за него и сакаат да го видат во дресот на „сините“. Се додава и дека за понудата е заинтересиран и Модриќ и преговорите треба да се интензивираат во наредните денови.
Доколку Модриќ се пресели во Динамо Загреб, тоа ќе биде негово враќање во овој клуб по 18 години.