Мое Вевчани: Зошто од ДУИ не реагираат на сцената во која се прикажуваат функционери од ДУИ, вклучително и Артан Груби, како играат фудбал по канцеларии

од Milan1
84 прегледи

Вевчани остро ги осудува обвинувањата од партијата ДУИ за маската која привлече внимание на Вевчанскиот карневал, нарекувајќи ги целосно неосновани и политички мотивирани. Според Вевчанци, маската која предизвика контроверза е инспирирана од популарните зомби филмови и нема никаква врска со Зијадин Села или каква било политичка алузија. Оваа маска е дел од креативноста на учесниците, кои избраа тема од поп-културата. Нема апсолутно никаква политичка конотација, категорично наведуваат од фејзбук страната Мое Вевчани.

– Точно е дека на карневалот има маски кои директно се однесуваат на политички лидери и случувања, но оваа зомби маска не беше една од нив.
Она што треба да се напомене е дека имаше и други маски кои имале очигледна политичка алузија. На пример, беше претставена сцена во која се прикажуваа функционери од ДУИ, вклучително и бегалецот од ДУИ – Артан Груби, како играат фудбал по канцеларии, што е еден вид сатира која алудира на нивниот начин на политичко однесување и функционирање.

Во исто време, иако маската беше забавна и хумористична, таа немаше за цел да ги изолира поединечните личности, туку да критикува одредени аспекти на политичката практика.

Ниту за оваа маска, која јасно се однесува на политичките лидери на ДУИ, не се појави реакција од истата партија.

Но, некако, само една зомби маска – која воопшто нема политичка конотација – стана причина за контроверза. Во оваа ситуација, многу е јасно дека партијата ДУИ, си ја има „мувата на капата“. Кога веќе се толкуваат и најневините карневалски маски преку политички призма, тоа зборува за нервозата и несигурноста во нивната политичка положба.

Вевчанскиот карневал има долгогодишна традиција во која учесниците носат различни маски, од митолошки суштества до популарни фигури од светската култура и нивната цел е да го забавуваат народот, а не да влегуваат во политички игри. Кога една група учесници ќе избере зомби маска, тоа е само по себе рефлексија на светските културни трендови, а не политички став или напад на партија.

Иако на карневалот постојат и маски кои директно се поврзани со политички алузии, како што беше онаа со сцената на фудбалот по канцеларии, ова не значи дека сите маски треба да се гледаат со исти очи. Зомби маската, која предизвика толку многу реакции, не е политички напад врз никого, туку е само креативен избор на учесниците кои се одлучиле за популарна културна тема.
Ова што се случува сега е класичен пример за тоа како политичките партии се обидуваат да ги искористат културните настани и традиции како политички алатки. Реакцијата на ДУИ ја нагласува оваа тенденција, бидејќи не се појавува ниту еден протест против маската што ги исмева нивните функционери во „фудбалскиот тим“, а веднаш реагираат кога е во прашање маската која, воопшто, НЕМА политичка конотација.

Вевчанскиот Карневал нема да биде предмет на политички манипулации. Нема да дозволиме. Затоа, реакцијата на ДУИ е неоснована, објавија од организацијата „Мое Вевчани“, на својот фејсбук профил

Слични содржини