Пратеничката и кандидатка за градоначалник на Општина Струга, Јована Мојсоска со свој став по двојното убиство и самоубиство во Велес. Забележува дека цели десет месеци траел институционалниот хорор на младата Росица, која уште во декември 2024 година го пријавила убиецот.
-Следело закани дека ќе ја “убие ако не е негова”, тепање и физичко малтретирање, палење возило на нејзиниот татко, шкртање графити со навредлива содржина. Цели 10 месеци МВР, ОЈО, СУДОВИ БИЛЕ НЕМИ СОУЧЕСНИЦИ ВО ДВОЈНО УБИСТВО! Дури во септември убиецот (против кој има низа пријави) е условно осуден. Во држава која има најголем број ПОЛИЦАЈЦИ по глава на жител, жените имаат нула заштита и секоја една од нас е потенцијална жртва, истакнува Мојсоска.
Пратеничката на Левица забележува дека „МВР е претворено во партиска гласачка машинерија, набутавте клатоглавци, багабонти и лепачи на плакати (со ретки исклучоци)“.
-Во одговор на пратеничко прашање, министерот ТОШКОВСКИ ми потврди дека Одделот за внатрешна контрола НЕМА СПРОВЕДЕНО НИТУ ЕДЕН ТЕСТ за професионален интегритет! Изговорот: нема набавено опрема, нема систематизирано сектор, нема обучени кадри. Ама има за службени возила и партиски предизборни вработувања!
Владејачкото мнозинство три месеци најавува измени на Кривичниот законик (кои пред една година ги одбија затоа што се поднесени од Левица). Измените уште не се поднесени до Собранието, затоа што власта на ДПМНЕ не чувствува ниту морална обврска да испрати порака дека секој живот е важен и неприкосновен, додава Мојсоска во својата јавна објава.
Претходно оштетената го пријавила обвинетиот во ОЈО Велес дека и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство изречени и во граѓанска постапка, тој продолжува да и испраќа пораки и фотографии со обид да оствари комуникација со неа, а на 18 мај се приближил до нејзиниот дом, го одзел и го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко. По оваа пријава, ОЈО Велес издал наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и 4 наредби за обезбедување снимки од видеонадзор од различни локации во градот. По овие наредби МВР сè уште постапува. Крвавата љубовна разврска ги вознемири велешани.