Мојсоска посочи дека тендерот за набавка на лекот Фактор 8 доцни повеќе од шест месеци, што, според неа, директно ги загрозува пациентите со хемофилија. Таа пренесе лично сведоштво од пациент со хемофилија А, кој за нормално функционирање треба да прима околу 30.000 единици месечно, но поради рестрикциите воведени од мај минатата година прима само 5.000 единици.
„Овие луѓе се принудени да лежат во кревет поради тендерските шеми и нефункционалноста на институциите“, рече Мојсоска, додавајќи дека мора јасно да се утврди одговорноста.
Таа нагласи дека со Институтот за трансфузиона медицина раководи директорот Амир Елези, именуван од актуелната владејачка коалиција, и дека според информациите со кои располага, директорот одбил да оствари средба со докторите кои алармирале за сериозноста на состојбата.
Мојсоска побара итна реакција од Министерството за здравство, предупредувајќи дека секое понатамошно одложување може да има трајни последици по здравјето на лицата со хемофилија.