Во одговор на пратеничко прашање, министерот Панче Тошковки потврди дека командирот во Ропотово, кој стана познат по објавено видео како пука од автоматска пушка е вратен на позицијата командир на Полициското одделение Ропотово, објави денеска пратеничката од Левица, Јована Мојсоска.
Како што потсетува во својата објава, во август минатата година токму пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки објави видео од командирот од ПС Ропотово како пука со автоматска пушка.
-Тогаш Ковачки напиша: „Ова е во Македонија – командир на полициска станица, со автоматско оружје предизвикува општа опасност и не одговара за ништо. Не одговара ниту тој што го поставил“. Токму власта на ДПМНЕ и ВРЕДИ, со РЕШЕНИЕ од 6 септември 2024 година, го враќа пукачот со автоматска пушка повторно да биде командир, наведе пратеничката, додавајќи дека станува збор за човек кој, како што обеделоденува, „ги поминал сите партии“.
-Бил дел од Турската партија, потоа отишол во СДС, па во ДУИ, како типичен локален моќник кој е заштитен од секоја партија на власт. Како власта на Мицкоски ќе спроведува правда, кога вакви бандити кои до вчера биле со ДУИ, сега се на функции со новата власт?, праша Мојсоска.
Во август 2023 година беше соопштено дека командирот на Полициското одделение Ропотово веќе е изведен пред органите на прогонот. Пронајдени се чаури и пушката која командирот најпрво ја добива од друго лице, кое го упатува како да пука. Собрани се и снимките од настанот. Меѓу нив е и онаа којашто е објавена на социјалните мрежи.
Командирот беше осомничен дека на 19-ти август 2023 на свадба кај негови роднини во семејна куќа во село Дебреште пукал од огнено оружје.
Ова не е првпат полицајци да пукаат во воздух. Ваков сличен случај во билтените на МВР имаше и во 2020 година, кога полицаец се веселел пред кафеана во Крива Паланка.