Ние би ја поддржиле секоја политика која се залага за укинување на формирање на паралелни системи. Тоа го кажавме и за замениците министри, тука се пресликува истата ситуација, односно се работи за функции кои се измислени за да се задоволат апетитие на коалиционите партнери, изјави вчера пратеничката Јована Мојсоска на седницата на Комисијата за здравство, по повод укинување на економските директори.
Според нејзиното излагање, во пракса се покажа дека после 20 години овие економски директори се тотално нефункционални.
-Ако во 2011 година долговите на клиниките изнесувале околку 25 милиони евра, во 2016 долгот стигнува до 50 милиони евра, а во 2023 година вкупниот долг на клиниките е 100 милиони евра… Со што се докажува дека не се работи за никакво менаџерско работење и дека овие директори не ја исполнија својата улога и намена.
Сметам дека кај нас јавното здравство не е ниту албанизирано, ниту пак македонизирано, туку е ДЕГРАДИРАНО. Флагрантен пример е болницата во Кичево каде што се лечат и Албанци и Македонци, и после 40 години ниту една партија не успеа да ја изгради таа болница, истакнала меѓу другото пратеничката.
Според новите законски одредби, ќе се укине постоењето на две управувачки позиции – организациски и медицински директор кои досега беа присутни во здравствените домови со над 1.000 вработени, универзитетските клинички центри, универзитетските клиники, клиничките болници и институтите. Од сега натаму, со овие установи ќе раководи само еден директор, кој ќе биде одговорен за организацијата и работењето на установата, како и за законитоста на работењето.
Со оваа реформа, Владата се надева дека ќе ги подобри условите и квалитетот на здравствените услуги за граѓаните, овозможувајќи поголема транспарентност и отчетност во работата на здравствените установи.