Дојде време мојата маленкост да ја објави кандидатурата за градоначалник на Струга, како еден од најголемите предизвици во мојот живот, затоа што Струга е местото со кое сум емотивно поврзана, местото кое ми ги подари најдобрите спомени и местото кое ме изградило и растело низ животниот пат, порачува пратеничката и кандидат за градоначалник на Струга, Јована Мојсоска од редовите на Левица.
Таа во својата јавна објава истакнува дека почувствувала дека сега е моментот да го прифати овој предизвик, затоа што, како што вели, стружани се уморни иднината на градот да се креира надвор од Струга и нашиот град постојано да биде паричка за поткусурување на „големите играчи“.
-Почувствував дека сега е моментот да им се покаже на големите играчи дека „Македонија е подалеку од Групчин“ и дека борбата не смее однапред да биде предадена. За жал, Струга е заборавена и целосно игнорирана од секоја власт, полека исчезнува нејзиниот лик и сјај пред налетот на корумпираните шерифи – додека градот служи само за поделба на изборните „победи“ од владејачкиот колач. Градот на Охридското Езеро, кој има реноме во светската поезија, кој создал бројни историски херои, писатели, уметници – сега е препознатлив по уништеното крајбрежје, дивите депонии и хаосот од дивоградби кои демнат на секој чекор, посочува Мојсоска.
Кандидатката за градоначалник тврди дека „на изборите нема да ветува „брда и долини“, но може да го вети она што претходно Левица го покажала – бескомпромисна БОРБА, борба водена од принципи и идеи, а не борба за тендери и привилегии“.
-Сигурно ние не сме најдобрите, но покажавме дека имаме волја и срце да се бориме за она во кое веруваме дека е од најдобар интерес за мнозинството, а не за интересите на локалните шерифи. Верувам и знам дека Струга може повеќе, Струга умее повеќе, Струга заслужува повеќе.
Нека овие избори бидат пресвртница на која ќе се покаже дека ГРАДОТ Е НАШ – А НЕ НИВНИ, порачува Мојсоска.