Мојсоска по најавите за нов владин авион: Повеќе болат колената на премиерот отколку смртноста од чекање термин во руинираното здравство

од Nikola Popovski
37 прегледи

„Ќе сме купувале нов владин авион, затоа што повеќе болат коленцата на премиерот отколку смртноста од чекање за термин во руинираното здравство“ – вака пратеничката на Левица и генерална секретарка на партијата, Јована Мојсоска ги коментираше најавите дека Владата размислува за купување на нов владин авион со кого би се превезувале функционерите кога одат на работни посети во странство.

Пратеничката ги споредува најавите со актуелната состојба во државата.

-Во земја каде се чека со месеци за преглед, затоа што нема медицински персонал и соодветна опрема, ниту пак има буџет за превентивни активности во борбата со карциномот, каде од раната детекција на болеста зависи животот на пациентот. Ќе сме купувале нов владин авион во држава каде нема термини за пет-скен и магнетна резонанца. Стапката на смртност од рак на дојка во 2010 година била 30 на 100.000 жени – во 2023 година 37,5 на 100.000 жени, истакна генсекот на Левица.

Директорот на СОЗР, Ивица Томовски завчера порача дека е потребен нов владин авион, макар и половен.

-Многу често ни се случуваат дефекти. Сега е на сервис бидејќи протекува гориво од резервоарите. Тоа е сериозен проблем. Претседателот на Собранието беше приморан да се враќа во Македонија со редовни летови и други проблеми кои произлегуваат од одржувањето. Немаше полетување со него…, додаде Томовски во емисијата на „360 степени“, емитувана на МРТ.

Директорот на СОЗР размислува за ново решение, со оглед, како што вели, мораме да имаме сериозен воздухоплов. Моменталното летало има само шест седишта.

-Можеби и половен авион, но, не постар од 2-3 години. Сериозно е да имате сериозно летало. Сум разговарал со повеќе лица и кај сите има заинтересираност да дискутираме околу набавка на нов, поголем авион со барем најмалку 14 седишта, за да собере поголема делегација, истакна Томовски.

Во однос за патувањата во странство, премиерот Христијан Мицкоски во јули 2024 година истакна дека ќе беше подобро Македонија да има сопствен пристоен авион со кој ќе може да се врати одма, наместо три дена да лета со комерцијални компании. За тоа во каква класа се возел премиерот Мицкоски кога последен пат беше во САД, нагласи дека поради здравствениот проблем со колената од Виена до Вашингтон и Њујорк до Виена бил во бизнис класа, додека за Скопје до Виена, како и потоа летот за Лондон во економска класа, посочувајќи помеѓу 11 и 12 ред кај излезот за итни случаи поради поголемиот простор за нозете.

Слични содржини