Пратеничката на Левица, Јована Мојсоска обвини дека одобрението за дивоградбата за хотелскиот комплекс на локацијата „Горица 3“ на источниот брег на Охридското Езеро потекнува уште од 2012 година, кога локалната власт ја контролирал СДСМ, а централната власт била во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.
-Очигледно, познатиот “шофер” од струшкиот затвор најдобро ја обединува корупцијата на овие две криминогени партии, објави Мојсоска, поврзувајќи го името на екс-директорот на ДБК, Сашо Мијалков.
Претходно од Левица информираа дека од документи кои пристигнале до нив, може да се констатира дека сите надлежни институции на секој начин се обидуваат да избегнат да ја констатираат фактичката состојба со контроверзниот хотел на Мијалков.
-Имено, од увид во документи до кои дојде Левица, може да се констатира дека надлежен државен инспектор за животна средина – Игор Трајкоски, по поднесено барање за вонреден инспекциски надзор, истиот неточно ја утврдил фактичката состојба и не постапил согласно своите законски надлежности. Односно, инспекторот при увидот наместо да го побара Решението за одобрување на елаборат (кое го издава Министерството за животна средина), тој од инвеститорот „Дивелоп Груп” (фирма на Мијалков), побарал само елаборат за животна средина, кој го изготвува самиот инвеститор, кажаа меѓу другото од Левица.
За оспоруваниот хотел од двете еколошки движења посочуваат уште дека се гради врз основа на незаконски урбанистички план. Притоа, како што се наведува, Општина Охрид повеќе од три години пред започнат градежните активности за хотелскиот комплекс, имала законска обврска да донесе сосема поинаков урбанистички план, согласно препораките од Извештајот за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина за Планот за управување со Охридскиот Регион, во кој хотелскиот комплекс е посочен како „закана“ за светското наследство заштитено од УНЕСКО.
Меѓу другото во отвореното писмо се посочува уште дека изградбата на хотелскиот комплекс во Горица е спротивна на Уставот, кој налага недвосмислена обврска на државата (значи сите институции) да ги спроведува ратификуваните меѓународни договори.
Фирмата Дивелоп Груп, која сега е една третина во сопственост на Јордан Мијалков – синот на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, во 2011 година победува на јавно наддавање за продажба на тогаш државното земјиште.
Таа година Сашо Мијалков сè уште е директор на ДБК, а наддавањето за земјиштето го објавува Министерството за транспорт и врски предводено од неговиот тогашен сопартиец Миле Јанакиески.
Активистите тврдат дека изградбата на објектот е со кршење на законските прописи и истиот се коси со препораките од Планот за управување со регионот.
-Овој проект никогаш не бил доставен ни до Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, ниту пак урбанистичкиот план бил ревидиран од аспект на неговата усогласеност со Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион (2020-2029) во кој експлицитно стои „спречување на градежното зафаќање на релјефни возвишенија, доминантни места каде со изградбата на објекти ќе се наруши крајбрежниот пејзаж“, Поединци речиси бесплатно добиваат атрактивни локации низ целиот Охридски Регион, државното земјиште се отуѓува како тоа да е нешто невредно. Скоро во сите случаи, го добиваат локални моќници, познати или непознати партиски членови, велат од „Охрид СОС“.