Мојсоска: Во Македонија не застаруваат само делата за кражба на ќебапи

„Ќе продолжи неказнивоста за корумпираните функционери“, тврди пратеничката откако беа одбиени амандманите на Левица за КЗ

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на Комисијата за политички систем, на која на Дневен ред беше амандманска расправа за Предлог-измените на Кривичниот законик, гласаше против амандманите предложени од Левица, со кои се бараше заострување на казнената политика за кривичните дела сторени од страна на службени и одговорни лица кои вршат јавни функции, велат од опозициската партија. Во своето излагање на комисиската седница, пратеничката од Левица, Јована Мојсоска образложи дека со измените што се предлагаат и понатаму системски се овозможува неказнивост на високи функционери.

„Очекувам пратениците на ДПМНЕ да се заблагодарат на пратениците од СДСМ, затоа што со тие измени на нивните функционери им застареа 80 предмети, а овдека имаме и пратеник од владејачкото мнозинство на кого му застаре делото“, рече таа.

Мојсоска посочи дека основата на проблемот е во тоа што функционерите се недопирливи за законот, додека обичниот човек завршува со години зад решетки и за украдени ќебапи. „Ова е држава каде застаруваат криминали на високи функционери, ама никогаш не застаруваат криминали за кражба на ќебапи. Не верувам во намерата на власта. 35 години гледаме како функционерите ги трошат милионите дали во Будимпешта, дали во Монако или во Дубаи“, истакна пратеничката.

Јавната расправа за измените во Кривичниот законик Мојсоска ја оцени како политички театар пред граѓаните, додека позади завесата се случува амнестија на функционерите на владејачките партии. „Додека овде гледаме театар колку сте испотресени со измените на тие членови, кој правел кворум, кој не правел кворум застареле двеста дела на функционери. Па кои се тие функционери? – Тие се функционери од власта. Тие функционери се од ВМРО-ДПМНЕ. Тие функционери се од СДСМ.“

За Мојсоска, најпроблематично е тргањето на одговодноста за одговорните лица во државната управа. Според нејзе, со ова се амнестираат функционерите од каква било одговорност.

„Очигледно, тенденденциозно се трга став 5 што предвидува одговорност за одговорните лица во државната управа. Што значи тоа? Дека сега со ваква измена, нема да има одговорност за министрите, нема да има одговорност за администрацијата“, заврши Мојсоска.