Точно една година трае институционалниот молк со познатата дивоградба во центарот на Струга, која узурпира државен имот!, се наведува во соопштението од ПП Левица.
Иако изминатиов период поднесов и кривична пријава и низа претставки, јавното обвинителство (со неговото 2% доверба) цела година одбира да непостапува. По последната поднесена Ургенција, деновиве добив известување од градежен инспектор дека е поставен службен знак за затворање на градилиштето и дека е издадено Решение за прекин на градење.
Но, и покрај овие формалности, фактичката состојба е дека секој ден дивоградбата се доградува и работници секојдневно работат на овој објект. Најповикан орган за постапување за овој криминал во центарот на градот е ЈО Струга и затоа, ќе ги искористам сите механизми за да добијам одговор кој е јавниот обвинител кој го штити дивеењето на градежната мафија во центарот на Струга.
Кога ја поднесов првата кривична пријава (по која јавниот обвинител не постапува) оваа дивоградба имаше само еден спрат. Денес веќе се гради третиот спрат незаконски, во самата зона на заштитено подрачје.
Следниот чекор е претставка пред Советот на јавните обвинители против обвинителот кој го држи во фиока овој предмет, како тело кое одлучува за несовесно и нестручно вршење на функцијата јавен обвинител. Доста е од празни флоскули за реформи во правосудство – одговорноста мора да биде персонализирана!, додава Мојсоска.