„Кога една мајка го губи своето дете, тоа не е несреќа. Несреќа е нешто што не зависи од нас. Ова е трагедија создадена од систем кој 35 години функционира со очигледни пропусти, дивоградби, фиктивни инспекции, корупција и институции кои молчат кога треба да штитат“, изјави пратеничката Јована Мојсоска на денешната седница на Анкетната комисија за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ и смртта на 63 лица.
Да не беше упорноста на родителите, додаде пратеничката, Собранието немаше ниту денес да разговара за Кочани.
„И тоа е најголемиот срам – што жртвите мора да го креваат гласот за да ги натераат институциите да работат.
Девет месеци поминаа без ниту една законска измена која ќе спречи ваква трагедија да се повтори. Законот за угостителска дејност се најавува со месеци, инспекциските надзори завршуваат со празни одговори, а институциите сè уште се кријат зад формалности наместо да покажат одговорност.
Не е злоупотреба да бараш одговори. Злоупотреба е кога со години се дозволува да работи ‘дискотека на смртта’, кога инспектори земаат мито, кога началници игнорираат прекршoци, кога министер доаѓа на рочишта со службени возила, а политичка одговорност – никаде“, порача Мојсоска на седницата во Собранието.
Излагањето на пратеничката на Левица на Анкетната комисија јасно ја посочи суштината – ова не е индивидуален пропуст, туку системска трагедија.
-И додека институциите се обидуваат да замолчат, мора да се слуша гласот на тие што бараат правда. Македонија има изгубено повеќе деца во системски трагедии отколку што губи една држава во војна. Тоа мора да престане, стои во обраќањето на Мојсоска.