Кандидатката на СДСМ во првиот круг од изборите за Општина Карпош, Маја Мојсова-Мијовска се огласи по реакциите на дел од јавноста за нејзината фотографија со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски. Мојсова порача дека „општеството заборава на основните принципи во демократијата“.
-Од што сме отруени со негативна енергија и препукување сите забораваат на основните цивилизациски и демократски принципи. Мала е земјата и сите се познаваме и среќаваме насекаде….. Не е лошо да се потсетиме на домашно воспитување. Не значи дека не треба да ги почитуваме различностите, стои во објавата на Мојсова.
Фотографијата на Лукровски со Мојсова е причина што синоќа на социјалните мрежи се засилија коментарите дека, всушност, СДСМ му дава поддршка на Лукровски во вториот круг за Карпош во кој се бори со Стевчо Јакимовски од ГРОМ.
Еден час по објавата на Лукровски, СДСМ демантираше дека му даваат поддршка на Лукровски во вториот круг.
„Во целост ги демантираме шпекулациите дека фотографијата на Маја Мојсова со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукторвски, е каква било поддршка од СДСМ. Не го поддржуваме кандидатот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ против кој се бореше партијата во вториот круг“, стои во партиското соопштение.
Оттаму додаваат дека ќе побараат објаснување од Маја Мојсова за фотографијата.
„Во срцето на Карпош секогаш ќе сретнеш вистински карпошани. Со Маја се знаеме од многу одамна, ја искористив можноста да поразговараме за проектите кои значат за нашата општина и нашите сограѓани. Заедно ќе ги реализираме, како и многу години наназад“, стои во описот на фотографијата објавена на социјалните мрежи од страна на кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ.