Навивачите од странство нема да можат да присуствуваат на Олимписките игри во Токио, изјавија претставниците на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) и Јапонија.
Одлуката беше објавена по состанокот на Интернет на претставниците на Меѓународниот олимписки комитет, јапонската влада, владата на Токио, Меѓународниот параолимписки комитет и локалните организатори.
За овој очекуван потег се зборува веќе неколку месеци. Официјални лица изјавија дека има премногу ризик за примање на навивачи од странство за време на пандемијата, на што остро се спротивставува јапонската јавност. Јапонија забележа околу 8.800 смртни случаи позитивни на коронавирус и го контролира вирусот подобро од повеќето земји.
„Со цел да им се овозможи на имателите на билети кои живеат во странство да ги прилагодат своите планови за патувања во оваа фаза, претставниците на Јапонија заклучија дека нема да можат да влезат во Јапонија за време на Олимписките и Параолимписките игри“, соопшти Организацискиот комитет во Токио.
Продадени се околу милион билети на навивачи од странство. Организаторите ветија враќање на средствата, но деталите ќе ги утврдат овластени продавачи на билети кои продаваат надвор од Јапонија. Тие наплатуваат такси до 20 проценти на цените на билетите, а не е јасно дали таксата ќе биде вратена.
Финансиската загуба од продажбата на билети паѓа на Јапонија. Локалниот буџет на организацискиот одбор побара 800 милиони долари приход од продажба на билети, што е трет најголем извор на приход во буџетот за приватно финансирање. Секој дефицит во буџетот ќе треба да го надоместат јапонските државни тела.
Според официјалните податоци, Јапонија троши 15,4 милијарди долари за организирање на Олимписките игри. Неколку владини ревизии велат дека реалните трошоци може да бидат двојно поголеми, а освен 6,7 милијарди долари, останатите се народни пари.
Продадени се околу 4,45 милиони билети на жители на Јапонија. Организаторите се очекува да ги објават капацитетите што ќе ги пополни локалното население следниот месец.
Забраната за присуство на навивачи од странство доаѓа само неколку дена пред почетокот на штафетата на олимпискиот факел, која ќе започне од префектурата Фукушима во североисточна Јапонија во четврток. Штафетата ќе трае 121 ден, ќе учествуваат 10.000 тркачи, а ќе заврши на 23 јули на церемонијата на отворање на Олимписките игри на Националниот стадион во Токио.
Штафетата е тест за Олимписките и Параолимписките игри, на кои ќе учествуваат 15.400 спортисти од странство. Тие ќе бидат тестирани пред да ги напуштат своите земји, по пристигнувањето во Јапонија и често додека престојуваат во олимпиското село покрај заливот Токио. Од спортистите не е потребно да се вакцинираат за да влезат во Јапонија, но многумина ќе бидат вакцинирани.
Олимписките игри во Токио се закажани за периодот од 23 јули до 8 август, а потоа следуваат параолимписките игри од 24 август до 5 септември. Станува збор за Олимпијадата што требаше да се одржи минатата година, но беше одложена поради пандемијата.