Моливи по 5 денари, Ранци за 500: Мицкоски објави примери од продавници каде се намалени цените на училишниот прибор

од Nikola Popovski
229 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски утрово истакна дека најновите мерки на Владата ги даваат своите резултати и дека набавката на училишниот прибор сега е поекономична за македонските семејства.

Мицкоски преку објава на социјалните мрежи порача дека цените на училишниот прибор се значително намалени, што го олеснува товарот на родителите и овозможува секое дете да тргне подготвено на училиште.

-Семејствата, пак, ги чувствуваат позитивните ефекти бидејќи со намалените цени се овозможува повеќе средства да останат за други важни животни потреби, порача премиерот, објавувајќи неколку примери од продавниците каде цените веќе се прилагодени за да одговорат на новите правила.

-Со ова, илјадници семејства ќе можат полесно да го подготват училишниот прибор без да се грижaт за високите трошоци. Заедно градиме подобра иднина за сите, стои во објавата на претседателот на Владата.

Согласно одлуката на Владата по пониски цени да се продаваат: ранци и ташни; тетратки, блокови, нотеси, колажи; средства за пишување (моливи и пенкала); дрвени боици; пластелин, теста за моделирање, подлоги; фломастери и маркери; мрсни боици; темперни, акрилни, водени бои и четки; линијари и дидактички материјали; острилки и гуми за бришење; детски ножици; футроли, и училишни додатоци; лепак и шестари, дигитрони, компаси и лупи.

Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) од вчера контролираат дали трговците ја усогласиле цената на производите. Оваа мерка доаѓа еден ден по почетокот на учебната година, откако веќе голем број родители ги набавија неопходните материјали.

Слични содржини