Молк од ВМРО-ДПМНЕ за наводните средби меѓу Мицкоски и Црвенковски

од Берта Китинска
210 прегледи

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ без одговор дали лидерот Христијан Мицкоски и поранешениот претседател на државата и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски одржувале состаноци.

Редакцијата на „Локално“ не доби одговор на прашањето за тоа дали претседателот на најголемата опозициска партија имал тајни состаноци со Црвенковски за формирање на нова партија според изјавите на претседателот на ГРОМ, Стевче Јакимовски.

Јакимовски вчера кажа дека ги чул шпекулациите дека Црвенковски, подготвува формирање нова партија која би го апсорбирала членството и симпатизерите на СДСМ незадоволни од политичките потези на актуелното раководство.

Тој го обвини претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека активно учествува во реализацијата на тој договор.

„Се шушка, се зборува дека Црвенковски ќе формира партија. И таа работа е во договор со Мицкоски. Тие одржуваат тајни состаноци. Откако ја напуштив коалицијата, гласноговорници од ВМРО ме обвинуваа дека сум во договор со СДСМ. Не, нивниот претседател е во договор со Бранко Црвенковски, така што, дали ќе прават партија или не, јас тоа не можам да го знам, но мислам дека се чувствува дека ќе има партија од тој лев политички блок. Мислам дека тактиката е да се соберат сите незадоволници од СДСМ и тие да влезат во таа партија, за потоа, по изборите, тие пак да го подржат СДСМ. Тоа, според мене, е еден договор на власта во кој за жал учествува и лидерот на опозицијата“,изјави Јакимовски во „Жешко политичко лето“.

Пред неколку ден во медиумите се појави информација во која беше наведено дека кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски ќе биде дел од новата партија која треба да биде формирана од Црвенковски.

Димитриевски во својата реакција посочи дека немам разговарано со поранешниот претседател на СДСМ на оваа тема.

„Пред неколку месеци и официјално оваа здружение на граѓани е регистрирано со сите органи и тела на локално ниво и е исклучиво насочено кон реализација на ветените проекти кои се од витален интерес за граѓаните на општина Куманово. Јас досега неколку пати кажав дека постои иницијатива од повеќе општини во Македонија оваа локално здружение да прерасне во републичко, со крајна цел да учествува на следните парламентарни избори како реално граѓанско политичко движење од граѓаните за граѓаните. Во тек се консултации со истакнати личности од општествениот живот, експерти, интелектуалци, стопанственици, лекари, уметници, студенти, пензионери, земјоделци, работници, општественици и други кои сакаат да дадат свој допринос во формирањето на граѓанското движење. Кога ќе се формира, кое ќе биде името на здружението и дали ќе прерасне во нов политички субјект засега не би коментирал, шпекулирал или прогнозирал. Кога ќе се донесе одлуката јавноста ќе биде навреме информирана.Што се однесува за вклучувањето на поранешниот претседател на РМ г-дин Бранко Црвенковски, кој особено го почитувам до овој момент со него на оваа тема и за оваа иницијатива немам разговарано,“ кажа Димитриевски.

Слични содржини