Момче (6) завршило како Кевин од филмот „Сам дома“: Го качиле на погрешен лет

од Stefanija Kuzmanovska
192 прегледи

Шестгодишниот Каспер завршил во Орландо откако бил ставен на погрешен лет. Тој требало да отпатува за Флорида за да ја посети својата баба, а тој заминал од меѓународниот аеродром во Филаделфија.

Неговата авантура која, за среќа, заврши без поголеми проблеми, потсетува на продолжението на хит филмот „Сам дома“ од 1992 година.

Сè започнало на 21 декември кога малото момче пристигнало на аеродромот во придружба на неговата мајка, каде што со потребната документација му било предадено на персоналот на Spirit Airlines.

Меѓутоа, наместо да го качат во авион за Флорида, поточно Форт Мајерс, тој завршил во Орландо, пренесува People.

Бабата Марија Рамос дошла на аеродром да го чека внукот, но го видела само неговиот багаж.

„Ми рекоа дека го пропуштил летот, а јас им одговорив дека тоа е невозможно, бидејќи добив потврда. Ја прашав стјуардесата каде е Каспер, но таа ми кажа дека не превезале деца“, изјави таа за локалните медиуми.

Не поминало долго пред Марија да добие телефонски повик од Каспер, кој ѝ објаснил дека е во Орландо.

Семејството сега бара одговори како е направена неприфатливата грешка, опишувајќи го инцидентот како еден од „најстрашните што некогаш ги доживеале“.

„Како се случи тоа? Откако ѝ беше предаден на стјуардесата со документите, дали таа го оставила сам? Како се качил во погрешен авион?“, праша Марија.

Spirit Airlines официјално се огласи за инцидентот и му се извини на семејството.

„Детето без придружба кое патувало од Филаделфија до Форт Мајерс по грешка било качено на лет за Орландо на 21 декември. Беше под грижа и надзор на член на компанијата во секое време, и веднаш штом ја откривме грешката, веднаш презедовме чекори да го контактираме семејството и повторно да ги поврземе“, се вели во соопштението.

Компанијата посочува дека покренала внатрешна истрага.

Слични содржини