Момче кое го преживеа пукањето во училиште во Увалде, Тексас, откри застрашувачки детали за тоа што се случило кога напаѓачот влегол во училницата.
– Влезе и рече „време е за умирање“ – изјави за КЕНС5 ученикот од четврто одделение.
Во пукотницата што се случи во вторникот во основното училиште Роб загинаа 19 деца и двајца учители.
Властите соопштија дека осомничениот напаѓач, Салвадор Рамос (18), починал откако бил застрелан од полицијата.
Неименувано момче, чии родители од безбедносни причини го криеле неговиот идентитет, во четвртокот се присетило како се сокрило под маса со долг чаршав, кој можеби го сокрил од напаѓачот и му го спасил животот.
– Кога го слушнав пукањето, им реков на другарите да се кријат под нешто, за да не не најдат – изјави момчето за медиумот.
Додаде дека и тој се криел и им рекол на пријателите да не зборуваат бидејќи ќе ги слушне.
И откако пристигнала полицијата, момчето изјавило дека тој и неговите врсници не биле безбедни. Всушност, убиствата продолжиле, пренесува Independent.
– Кога пристигнала полицијата, полицаецот рекол да „викаме ако ни треба помош“. Едно лице од мојот клас извика „помош“, но напаѓачот го слушна, дојде и го застрела – се присети момчето.
Во тој момент масакрот веќе беше неизбежен.
– Полицијата упадна во училницата, напаѓачот пукал во неа. Почнаа да пукаат и полицајците – раскажало момчето.
Гувернерот Грег Абот изјави дека тројца полицајци се повредени, но се опоравуваат. Рамос бил застрелан на лице место.
Во меѓувреме, децата како ова момче кое зборуваше за медиумите гледаа како нивните пријатели умираат.
Инспекторите се уште не го знаат мотивот за овие страшни убиства.