Бугарскиот претседател Румен Радев денеска е во Брисел каде ќе присуствува на состанокот на Европскиот совет. Тој најавил ќе го постави прашањето за, како што вели, зголемената агресија и ескалацијата на антибугарската кампања во Република Северна Македонија.
Исто така Радев порачал дека не е исклучено ново вето за нашата земја.
„Во моментов можам да кажам дека сме во состојба на вето додека не ги вклучат македонските Бугари во својот Устав“, изјавил Радев.
Шефот на бугарската држава ќе побара од ЕУ да воведе мониторинг за да се гарантира почитувањето на правата на македонските Бугари и граѓаните со бугарска самосвест.
„Антибугарската кампања во Северна Македонија веќе води кон злосторства од омраза – палење и пукање кон бугарски клубови, физичко насилство. Очекувам дефинитивна и институционална реакција од властите во РСМ и итни активности за откривање на сторителите.
За жал, во моментов не гледам политичка волја и има несовпаѓање меѓу политичките амбиции и заложбите на РСМ и реалноста во која живеат македонските Бугари таму.
Негирањето на постоењето на овие проблеми само го одложува решението, доведува до повеќе кривични дела и чувство на неказнивост, а само поттикнува злосторства од омраза“, рекол Радев за „БНТ“ од Брисел.
„Ќе инсистираме да започне првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, дури откако таа ќе ги вклучи Бугарите во нејзиниот устав“, додал бугарскиот претседател.