Амбасадорите на сите големи светски сили открија дека за руската инвазија на Украина дознале на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации, која се одржа на 23 февруари 2022 година. Амбасадорите им го претставиле своето видување на настанот на авторите на документарниот серијал „Путин против Западот: Во војна“, кој ќе се емитува на 29 јануари на стриминг платформата на Би-Би-Си, „BBC iPlayer“.
„Веста се прошири како оган низ Советот за безбедност на ОН. Можеше да се слушне како вибрираат и ѕвонат мобилните телефони. Мојот руски колега Василиј Небензја погледна во мобилниот телефон и ја виде веста. Очигледно тие не му кажале дека Русија ќе изврши инвазија“, констатирала Барбара Вудворд, амбасадор на Велика Британија во Обединетите нации.
„Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш седна до мене и ме праша дали знам. Му кажав дека првпат слушам за руската инвазија на Украина“, изјавил Небензја, амбасадор на Руската Федерација во ОН.
„Очекувавме дека тоа ќе се случи, но никој од нас не предвиде дека Русија ќе биде толку храбра и ќе нападне за време на седницата на Советот за безбедност“, изјавила Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во ОН.
„Зачувувањето на мирот е главната мисија на ОН. Кога постојана членка на Советот за безбедност напаѓа друга земја, гледате дека ОН пропаѓа“, рекол Антонио Гутереш, генерален секретар на Обединетите нации.
„Небензја беше изгубен. Се сетив на сите изјави, на сите негови жални изјави што ги даде пред инвазијата. И тогаш се наоѓате во ситуација да сте пред него, а инвазијата продолжува“, истакнал Сергиј Кислица, амбасадор на Украина во ОН.
Во еден момент Кислица побарал од Небензја да објасни што се случува.
„Имате мобилен телефон, сега можете да го повикате (министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј) Лавров“, му рекол Кислица.