МОН ја интензивира дистрибуцијата на учебници: Книги добија основците од Сарај, Струга и Боговиње

од Nikola Popovski
141 прегледи

Министерството за образование и наука ја интензивира дистрибуцијата на учебниците за учениците од прво, второ, четврто и петто одделение во основното образование. Обезбедувањето со потребните наставни материјали за учениците од основните училишта се одвива согласно однапред утврдена динамика.

Денеска, учениците од кумановските села Лопате и Черкезе, како и училиштата во општините Сарај, Струга и Боговиње согласно договорите за печатење, ќе добијат учебници по албански јазик и математика за прво одделение, природни науки за прво, второ и четврто одделение и историја и општество за четврто и петто одделение, сите на албански наставен јазик.

Во текот на вчерашниот ден, исто така согласно четвртиот договор, учебници на албански наставен јазик, беа доставени во општините Липково, Тетово и Желино.

МОН пред три дена информира дека испораката на учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение во основното образование се одвива согласно утврдената динамика. Веќе е завршена испораката на учебниците по првиот договор  за печатење, што ги опфаќа учебниците за четврто одделение по македонски јазик и по математика, на македонски наставен јазик и учебниците по турски јазик за четврто и петто одделение, на турски наставен јазик.

Испораката на учебниците по вториот и третиот договор ќе се одвива оваа работна недела. Станува збор за 18 учебници, и тоа:

– на македонски наставен јазик: македонски јазик за прво и за второ одделение,  математика за прво одделение, природни науки за прво, второ и за четврто одделение, историја и општество за четврто и за петто одделение;

– на турски наставен јазик: учебник за турски јазик за прво и второ одделение,

-на албански наставен јазик: учебник по математика за четврто одделение и учебници по албански јазик за второ, четврто и петто одделение;

– на српски наставен јазик : учебници по српски јазик за второ, четврто и за петто одделение, и учебник по математика за четврто одделение, соопштија од МОН.

Од ресорот појаснуваат дека веднаш потоа почнува испораката и на учебниците по четвртиот договор, и тоа учебник по албански јазик и математика за прво одделение, природни науки за прво, второ и четврто одделение и историја и општество за четврто и петто одделение, сите на албански наставен јазик.

Слични содржини