МОН потенцираат дека повисоки плати ќе има, но учениците мора да се вратат на настава, истакнал министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешниот состанок со претседателот на СОНК, Јаким Неделков, информираат од МОН.
Според Шаќири, непримањето деца во училиштата и неспроведување настава влијае на социјализацијата на учениците и создава празнини во знаењата кои понатаму потешко се пополнуваат.
-Тие и онака веќе изгубија голем дел од наставата учејќи во вонредни околности и услови на пандемија повеќе од година и половина. Повисоки плати за наставниците ќе има, на тоа работиме и ќе го одржиме ветениот збор, како што тоа го направивме и во три наврати во изминатите години зголемувајќи ги личните примања на вработените во училиштата за над 21 процент, рекол министерот.
Поради тоа, стои во соопштението на МОН, распустот на учениците мора да биде одложен соодветно на бројот на неодработени денови, а согласно измените што ќе бидат направени на Календарот за организација на учебната 2021/2022 година.
„Ситуацијата би предизвикала и пролонгирање на сите претходно утврдени рокови за полагање на училишна матура, за уписи во средни училишта, но и во високообразовните установи во земјата и во странство. Исто така, неработењето на училиштата го оневозможува правото на околу 500 наставници да полагаат стручен испит како основа за понатамошно вработување на неопределено работно време“, посочил Шаќири.
Со измените на Законот за минимална плата сите што добиваат под минималната плата, треба да се израмнат со минималната плата. По усвојување на минималната плата, во рок од 6 месеци, треба да се усогласат сите плати. Но, порастот на минималната плата предизвика незадоволство во сите сектори, кои најавуваат протести и штрајкови за покачување на платите.
„Може да прифатиме и 18 отсто покачување на платите. Кога станува збор за преговори, тогаш сѐ е можно. Очекуваме Владата да го даде својот предлог за да се преговара“, порача во меѓувреме претседателот на СОНК, Јаким Неделков.