МОН и Волво воведуваат ново стручно занимање – мајстор за камиони и тешки машини

од Марта Пешевска
36 прегледи

Министерството за образование и наука и Швајцарската развојна организација Хелветас, преку регионалната програма RECONOMY, финансирана од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida), ќе соработуваат во развојот на нова квалификација – специјалист за мехатроника на камиони и тешки возила. Квалификацијата најпрвин ќе се воведе во образованието за возрасни, а подоцна и во формалното стручно образование.

Поддршка на целиот процес дава шведската компанија Волво. Со потпишување на меморандум за соработка меѓу министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, и менаџерот на програмата RECONOMY, Пауло Родригез, се воспоставува стратешко партнерство за воведување на оваа квалификација, која е високо барана во индустријата. Проектот предвидува развој на нова наставна програма, обука на наставници, набавка на опрема и обезбедување можности за практична настава.

Министерството нагласува дека ваквите активности веќе даваат видливи резултати во унапредувањето на квалитетот на стручното образование. Во последната учебна година, 11.753 ученици се запишани во прва година во средните стручни училишта. Дуалното образование е присутно во 62 училишта, со вклученост на над 550 компании во практичната настава. Министерството останува посветено на прилагодување на стручното образование според потребите на пазарот на трудот.

Слични содржини