МОН: Иако е пандемија, државна матура мора да има, а образовниот процес не смее да запре

Дури и во услови на Пандемија, образованието мора да продолжи да тече, со оглед на тоа дека се работи за иднината на младите генерации. Со државната матура се заокружува стекнатото знаење и помага учениците да се насочат во понатамошниот образовен процес, соопштија денес од Министерството за образование и наука по протесот во организација на „Средношклоски глас“.

Министерството во својата реакцја вели дека нема да се дозволи Пандемијата да влијае на иднината и напредокот на учениците. Иако се соочуваме со голем предизвик, сите заедно, наставниците, учениците и родителите обезбедивме континуиран образовен процес.

„За ова се бориме од самиот почеток и нема да отстапиме од оваа цел.Министерството за образование и наука изминатиот период покажа огромна посветеност и отвореност за дијалог со матурантите. Министерката за образование и наука Мила Царовска и претставници од министерството веќе се сретнаа со Сојузот на средношколци и со Гласот на матурантите. И едните и другите навреме беа информирани дека испитите од државната матура ќе се одржат во законски предвидениот рок, но со полесни прашања и по скратени програми, со цел полагањето да биде ефективно и организирано. Со средношколците разговаравме и за проширената листа на екстерни предмети за гимназиско образование со информатика и географија, како и за можностите што ги нуди променетата програма за проектната задача“, соопштија од МОН.

На сите состаноци, средношколците биле известени дека заедно со нив и со училиштата, наставниците и со здравствените власти ќе биде најден начин самото полагање да биде безбедно.

МОН најави промени во концепцијата на државната матура кои би се применувале од 2021/2022 година, а ќе се прават во заеднички и конструктивен дијалог со средношколците и наставниците.

Исто така се посочува и дека државната матура е законска обврска и дека и покрај пандемијата, се одржува во сите европски земји и во регионот и успешно се реализираше минатата учебна година, а започнуваат подготовките и за оваа учебна година.

„Северна Македонија не смее да биде исклучок по негативни практики. Заедно со директорите на училиштата и наставниот кадар, МОН за многу кратко време воспостави модел на настава кој функционира и овозможува пристап до образование за секое дете во државата. Имаме доволно време сите заеднички да се подготвиме и за државната матура. Разбираме дека постои страв и несигурност кај средношколците во однос на безбедноста и самиот процес на подготовка за испитите, но токму затоа ги повикуваме матурантите, низ заеднички дијалог да понудиме решенија кои ќе гарантираат и безбедност и поддршка“, соопшти Министерство за образование и наука.

Слични содржини